Сити може да ја доживее судбината на Челси - премиерлигашите бараат принудна продажба
Тие, говорејќи анонимно, порачале дека санкциите би имале ограничен ефект доколку шеикот Мансур и „Абу Даби Јунајтед Груп“ продолжат да го контролираат Манчестер Сити. Според нив, долгогодишниот случај сериозно ја нарушил довербата во регуларноста на натпреварувањето и односите меѓу клубовите.
Случајот добива дополнителна тежина поради можностите на новиот Независен фудбалски регулатор (ИФР), основан во Англија во 2025 година. Неговите надлежности не се ограничени само на финансиски санкции – доколку утврди дека сопствениците не ги исполнуваат критериумите за чесност и финансиска одговорност, може да побара нивно повлекување од клубот. Претседателот на регулаторот, Дејвид Коган, неодамна пред парламентарна комисија порача дека институцијата нема да прави исклучоци поради големината или влијанието на одреден клуб. Тој нагласи дека ќе постапуваат според законските надлежности и доказите, без оглед на политичкиот притисок.
Во позадината на целиот случај се наодите на независната комисија за периодот од 2009 до 2018 година. Според објавените заклучоци, Сити користел фиктивни комерцијални договори за вештачко зголемување на приходите и прикривање на трошоците во вредност поголема од 900 милиони фунти. Клубот беше прогласен за виновен и за повеќе прекршувања поврзани со соработката со истрагата.
Сепак, конечната казна сè уште не е утврдена. Манчестер Сити ги оспорува заклучоците и поднесе жалба, па исходот од правната постапка ќе има клучно значење за понатамошниот развој на случајот. Барањето на ривалските клубови за принудна продажба на Манчестер Сити претставува дополнителна ескалација на еден од најголемите финансиски скандали во историјата на англискиот фудбал. Слична беше судбината на Челси пред неколку години кога Премиер лигата му наложи на Роман Абрамович да го продаде клубот, но причина за тоа беше агресијата на Русија над Украина, а не финансиски неправилности во работењето.