Хаос во Боливија: Судија збесна и удри голман! (ВИДЕО)

Боливискиот фудбалски судија Хорди Алеман се најде во центарот на голем скандал откако со тупаница во лицето го удри аргентинскиот голман Кристијан Мартинез од екипата на Реал Потоси.

Инцидентот се случи по реванш-финалето на Боливискиот куп, второто најважно фудбалско натпреварување во земјата, во кое Реал Потоси се соочи со Аљвејс Реди.

Натпреварот на стадионот „Виктор Агустин Угарте“ во Потоси заврши без голови, а трофејот му припадна на Аљвејс Реди благодарение на победата од 3-1 на првиот меч, одигран во Ел Алто, град кој се наоѓа на надморска височина од повеќе од 4.100 метри.

Откако Алеман означи крај на натпреварот, група фудбалери на Реал Потоси го опколија и почнаа да протестираат поради неговите судиски одлуки во текот на средбата. Судијата во тој момент немаше полициско обезбедување, па реагираше така што со тупаница го удри Мартинез.

Во текот на хаосот, Алеман исклучи четворица фудбалери и тројца членови на стручниот штаб на Реал Потоси.

Мартинез по инцидентот, сè уште видно вознемирен, изјави дека од ударот на судијата почнал да крвави во устата, но дека Алеман не успеал да го „нокаутира“.

Голманот призна и дека претходно му кажал на судијата да му „умре мајка му“, посакувајќи му да му се врати сето зло што, според неговите зборови, Алеман го направил.