„Халанд за најмногу 18 месеци ќе се пресели во Реал Мадрид“

Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Гери Невил, е убеден дека Ерлинг Халанд најдоцна за 18 месеци ќе го облече дресот на Реал Мадрид. Англиската фудбалска легенда предвиде и дека Винисиус Жуниор ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“.

За норвешкиот голгетер на Манчестер сити веќе неколку преодни рокови се шпекулира дека би можел да се пресели во Мадрид. Минатото лето, Енрике Рикелме, кој беше кандидат за претседател на Реал, најави дека ќе направи сè што е во негова моќ за да го доведе Халанд.

Невил во подкастот „The Overlap“ отворено зборуваше за можниот трансфер, нагласувајќи дека воопшто не се сомнева дека Норвежанецот ќе стане член на шпанскиот гигант.

„Апсолутно сум убеден дека Ерлинг Халанд ќе биде фудбалер на Реал Мадрид најдоцна за 18 месеци, а можеби и до крајот на оваа сезона“, изјави Невил.

Поранешниот англиски репрезентативец отиде и чекор понатаму, прогнозирајќи како би можел да изгледа нападот на Реал во иднина.

„Мислам дека Винисиус Жуниор ќе го напушти Реал Мадрид, Килијан Мбапе ќе се пресели на левата крилна позиција, а Ерлинг Халанд ќе биде класичниот напаѓач на Реал“, додаде Невил.

Халанд минатата година потпиша нов договор со Манчестер сити, кој го обврзува на верност кон англискиот клуб до летото 2034 година.