„Родителите навиваа за Војдан и Дамјан, а за мене само по некоја тетка и братучед!“

Војдан Стојановски вечерва против Кипар (18 часот) по стоти пат ќе го облече дресот на Македонија, како прв македонски кошаркар во историјата кому му успеало такво нешто, а најверојатно и последен, барем во догледно време, со оглед на малиот број мечеви што сега ги игра репрезентацијата.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Еден од петте најлегендарни македонски кошаркари на сите времиња зад себе има 92 меча на кои доби можност да настапи на паркетот, а на седум од нив досега се најде во записникот, но без да заигра – најчесто на почетокот од репрезентативната кариера, но и неодамна на гостувањето во Луксембург. Неговиот опус почна неколку дена пред Денот на независноста во 2008 година, на натпреварот против Португалија во квалификациите за ЕП 2009, а за среќа на нашиот состав сè уште трае, иако веќе е на прагот на петтата деценија од животот.

Неговите бројки се едноставно недостижливи, како по вкупниот број средби така и по бројот на натпревари на четирите европски првенства на кои настапи (2009 – 2015), а на кои собра вкупно 24 натпревари. Тој беше дел од најславниот период на Македонија, а не крена раце ниту во најцрниот, кога повеќе игравме претквалификации против дунстери отколку што се натпреварувавме против првата класа европски селекции.

Врбица Стефанов, еден од нашите најдобри кошаркари во историјата, уште на ЕП 2009 ни изјави дека тогаш 20-годишниот Војдан Стојановски е неговиот наследник, во што и не погреши.

„Војдан може достојно да ме наследи во репрезентацијата и искрено имам високо мислење за него. Не сакам да го фалам многу за да не се создаде еуфорија, па тој да не може да го издржи притисокот или да ’летне‘ во облаци. Очекувам за две-три години да го достигне врвот. Со напорна работа успехот нема да избега“, ни изјави тогаш Врба и погоди во центар што се однесува до неговиот тогаш помлад колега.

Денешниот славеник потекнува од најкошаркарското семејство во историјата на Македонија, во кое Дамјан е негов брат близнак, а Огнен е најстар. Тројцата имаа среќа една сезона да играат заедно во дресот на Фени индустри (2010/11), а повеќепати имаше комбинации како Огнен со Дамјан и Дамјан со Војдан. Тројцата можат да се пофалат со безмалку 200 настапи за Македонија заедно. Но, фактот дека се браќа никогаш не го намалил ривалитетот меѓу нив, за што говори и една изјава на Огнен од веќе далечната 2006 година, кога неговиот Работнички водеше со 3-1 во финалето против Вардар, за кој играа тогаш 18-годишните Војдан и Дамјан.

„Војдан и Дамјан ќе треба да почекаат за да бидат главни во нашиот дом, барем што се однесува до кошарката. Моите родители навиваат за Вардар – не дека ги фаворизираат моите браќа, туку тоа е поради нивната желба да се случи нешто ново во македонската кошарка, некој друг да биде шампион наместо Работнички. Можам да кажам и дека поголем дел од поширокото семејство е на страната на ’црвено-црните‘. Јас ја имам поддршката само од неколку братучеди и од по некоја тетка“, ни изјави тогаш на шега Огнен Стојановски.

Војдан денеска ќе добие специјален дрес со бројот 100 како вечен потсетник на неверојатното остварување, со надеж дека тоа нема да биде збогум и со националниот тим, барем не до пласманот на ЕП 2029 – нешто што го сонува секој македонски спортски вљубеник.