Војдан пред голем јубилеј: Прв со 100 натпревари - секогаш е тука за Македонија!
Со овој подвиг, Стојановски станува првиот кошаркар во историјата на македонската репрезентација кој стигнал до бројката од 100 одиграни натпревари. Достигнување кое претставува потврда за неговата долгогодишна посветеност, континуитет и огромен придонес за националниот тим.
Неговата репрезентативна приказна започна во 2008 година, кога тогашниот селектор Јовица Арсиќ му го упати првиот повик во сениорската селекција. Оттогаш, Војдан е еден од најпрепознатливите лидери на националниот тим, а со текот на годините ја презеде и капитенската лента. За него, настапите во црвено-жолтиот дрес секогаш имале посебно значење.
„Дресот на Македонија за мене отсекогаш бил светост. Чувството да се игра за својата земја е посебно и секогаш е исто, без разлика дали настапуваме на Европско првенство или играме квалификации и претквалификации.
Горд сум што имам можност толку години да ја претставувам Македонија и што стигнав до бројката од 100 натпревари. Тоа е голема чест за мене, но и мотив да продолжам да го давам максимумот. За репрезентацијата секогаш ќе бидам тука, додека ѝ треба мојата помош“, вели Војдан.
Капитенот посакува големиот јубилеј да биде крунисан со уште една победа на Македонија. Сепак, предупредува дека Кипар е противник кој заслужува максимален респект.
„Нашата цел е победа. Играме на домашен терен, очекуваме поддршка од трибините. Противникот не треба да се потцени во ниту еден случај. Мора да излеземе, да го дадеме максимумот и да ја продолжиме победничката серија“, порача капитенот.
Поради него, натпреварот против Кипар ќе има дополнителна тежина за македонската репрезентација и кошарката воопшто. Сто настапи за националниот тим се достигнување со кое ретко кој може да се пофали, а Војдан Стојановски уште еднаш ќе покаже што значи долгогодишна верност кон репрезентативниот дрес.