Македонија го пречекува Кипар - ништо, освен победа не доаѓа предвид
Натпреварот доаѓа по убедливиот триумф на Македонија над Австрија со 91-59, додека Кипар во првото коло славеше против истиот противник со 77-72. Тоа значи дека двете селекции влегуваат во меѓусебниот дуел со победа на своето конто, па евентуалниот триумф во Скопје може да има големо значење во борбата за првото место во групата Ф.
Македонските кошаркари ќе имаат дополнителен мотив пред домашната публика, но селекцијата на Кипар не смее да биде потценета. Гостите веќе покажаа дека можат да бидат незгоден противник, а нивната победа над Австријците е предупредување дека избраниците на Берокал ќе мора да одиграат максимално концентрирано од првата до последната минута.
Селекторот Жосеп Марија Берокал се соочува и со кадровски проблеми. Ваљмир Какруки и Андреј Андоноски отпаднаа поради повреди, па дополнителен повик доби Дамјан Робев. Сепак, тука се двете најголеми ѕвезди во составот, Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт кои вчера се приклучија на подготовките и треба да преземат голем дел од одговорноста на претстојниот меч.
Влогот е голем, бидејќи само победникот на групата ќе обезбеди директен пласман во квалификациите за Евробаскетот 2029. Македонија и Кипар се во група со Австрија, а по ноемврискиот прозорец ќе следуваат уште февруарските натпревари, кога ќе се решава конечниот пласман.
Натпреварот Македонија – Кипар се игра в четврток, 26 ноември, од 18:00 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје. Пред денешниот меч, нашата репрезентација се наоѓа во серија од осум победи, низа која почна лани во август, против Унгарија на домашен терен. Ако денеска победи, Македонија ќе ја заврши 2026 година со максимален ефект, од шест победи на исто толку натпревари.