ВАР му ја одзеде победата на Јунајтед, заврши триумфалната серија на ПСЖ (ВИДЕО)
Голема драма се случуваше во Лисабон. Спортинг имаше предност од 1-0 на паузата со голот на Луис Суарез од пенал во 33. минута, но Манчестер Јунајтед направи целосен пресврт на почетокот од второто полувреме. Бруно Фернандеш најпрво израмни од белата точка во 48. минута, а само две минути подоцна постигна неверојатен гол од далечина. Неговиот удар доби необична траекторија поради отскокнување на топката пред голманот Каике Переира и заврши во мрежата за водство на гостите од 2-1.
Сепак, Спортинг не се предаде. Луис Суарез во 80. минута повторно ја затресе мрежата, откако голманот Сене Ламенс не успеа да ја задржи топката по нафрлувањето на Фреснеда.
А, потоа следуваше моментот за кој најмногу ќе се зборува. Во 83. минута, по корнерот на Бруно Фернандеш, голманот на Спортинг, Переира ја испрати топката во сопствената мрежа. На прв поглед Јунајтед повторно поведе со 3-2, но по прегледувањето на снимката ВАР го поништи погодокот поради прекршок на Патрик Доргу врз голманот на домашниот тим. Така, англискиот состав остана без победа во самиот финиш и мораше да се задоволи со бод. Претходно, Јунајтед имаше уште една спорна ситуација, кога голот на Амад Дијало во првото полувреме беше поништен поради досуден прекршок во акцијата.
Во Париз, Рома приреди пријатно изненадување и освои бод против европскиот шампион. Италијанците поведоа уште во петтата минута со голот на Марио Ермосо, но ПСЖ израмни преку Илија Забарњи во 31. минута.
Домашниот состав направи пресврт во второто полувреме. Усман Дембеле во 62. минута реализираше пенал за 2-1, но Рома доби можност да возврати од белата точка по прегледувањето на ВАР-снимката и утврдениот прекршок со играње со рака на Витиња. Дониел Мален беше сигурен реализатор во 77. минута и ги постави конечните 2-2.
За ПСЖ ова реми значи крај на серијата од 12 последователни победи во сите натпреварувања. Тимот на Луис Енрике имаше совршен старт и во Лигата на шампионите, со четири победи од четири натпревари, но Рома успеа да ја прекине неговата серија и да освои значаен бод на „Паркот на принцовите“, па сега Реал останува единствен со максимален ефект по пет одиграни кола во елитното натпреварување.
РЕЗУЛТАТИ
Атлетико - Викинг 2-0
Бриж - Ливерпул 0-3
Интер - Штутгарт 2-0
Лил - Баерн 2-1
ПСЖ - Рома 2-2
Шахтар - Фенербахче 0-1
Спортинг - Манчестер Ј. 2-2