Славија Прага постави негативен рекорд во Лигата на шампионите
По овој пораз, Славија веќе 24 натпревари по ред не знае за триумф во Лигата на шампионите. Со тоа го надмина досегашниот негативен рекорд на романска Стеауа, која во периодот од 2006 до 2013 година имаше низа од 23 средби без победа. Во својата црна серија, чешкиот тим забележа осум нерешени резултати и дури 16 порази.
Иронијата е уште поголема ако се знае дека последната победа на Славија во главната фаза од Лигата на шампионите ја оствари токму против Стеауа. Во септември 2007 година, во своето дебитантско учество во натпреварувањето, чешкиот тим славеше со 2-1 на домашен терен. Оттогаш, и покрај уште три настапи во ова натпреварување, не успеа повторно да освои три бода.
Новиот неуспех дојде по голот на Канаѓанецот Тајон Бјукенен во 62. минута, кој му донесе три бода на Виљареал. Шпанскиот тим, пак, со оваа победа стави крај на сопствената серија од седум последователни порази на гостувањата во Лигата на шампионите.
Особено е интересен контрастот меѓу настапите на Славија во Европа и во домашното првенство. Во чешкиот шампионат тимот на тренерот Јиндржих Трпишовски сè уште нема пораз по 15 кола и е лидер со 37 бода, освоени преку 11 победи и четири нерешени средби. Во Лигата на шампионите, ситуацијата е сосема поинаква. Славија има само еден бод од пет натпревари, со гол-разлика 5-10. До крајот на лигашката фаза ја очекуваат гостувања кај Баерн Минхен и Порто, како и домашен дуел со Астон Вила. Пласманот меѓу најдобрите 24 екипи изгледа сè потешко достижен.