Кипарците провоцираа со „држава Скопје“ - на Македонците е да им вратат со газење на теренот!

Македонската кошаркарска репрезентација освен желбата за продолжување на победничката серија во претквалификациите за ЕП 2029 има дополнителен мотив за триумф во вечерашниот дуел со Кипар (18 часот) поради провокацијата која стигна од противничкиот табор.

Кипарците во најавата за овој репрезентативен прозорец на официјалниот сајт на федерацијата напишаа дека играат против „Скопје“ одбивајќи воопшто да го напишат името Македонија дури и со придавката „Северна“, која со сила ни беше нападната од нивните браќа од Грција. Ова е преседан кој во минатото беше користен од нашиот јужен сосед, ама пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Ова изгледа дека претставниците на вечерашниот ривал се прават „поголеми Грци од Грци“, што дефинитивно треба да биде мотив и за македонската спортска јавност за полни трибини во салата „Лазар Лечиќ“ во скопскиот Градски парк.

Спортскиот дух и фер навивањето секогаш биле главна карактеристика на средбите на селекцијата на Македонија, па нема причина така да не биде и денеска против Кипар. Но, нивната провокација не треба да остане незабележана и треба да се „награди“ со тројно поголема поддршка за македонските кошаркари и со заглушувачка атмосфера во која Кипарците нема да знаат каде се наоѓаат.