Поранешна ѕвезда на Ливерпул и Сити доби условна казна затвор и долго ќе биде без дозвола!

Англискиот фудбалер, Рахим Стерлинг (31), е осуден на условна затворска казна од 12 месеци поради опасно возење, која нема да се изврши ако во рок од 18 месеци не направи ново кривично дело, пренесува „Скај спорт“.

Нему му е изречена и двегодишна забрана за управување моторно возило, како и обврска да изврши 100 часа општокорисна работа. На претходното рочиште одржано во септември, англискиот интернационалец призна дека на 28 мај, при опасно возење на автопат, предизвикал сообраќајна незгода во која целосно го уништил својот автомобил „Ламборџини“. Тој исто така признал дека поседувал шест боци азот-субоксид наменети за недозволено вдишување, како и дека одбил да даде примерок за тестирање.

Судијката Кирсти Алман при изрекувањето на пресудата ги зела предвид олеснителните околности – признанието на вина од страна на фудбалерот, фактот што претходно не бил осудуван, како и тоа што до моментот на апсењето во мај имал чисто возачко досие.

Стерлинг е без клуб од јули годинава, а во текот на својата богата кариера настапуваше за Ливерпул, Манчестер сити, Челси, Арсенал и Феенорд. За сениорската репрезентација на Англија одигра 82 натпревари и постигна 20 погодоци.