Христов: Сè уште се бориме со нефудбалски работи, но новите генерации ќе донесат А-репрезентативци!
Двете генерации во последните две години обезбедија пласман во елитната фаза од квалификациите и според Христов станува збор за феноменален резултат кој е показател за напредокот.
„Треба да бидеме задоволни и горди на резултатите. Генерацијата 2010 обезбеди пласман во елитната фаза, а тоа е втора година по ред во која успеваме да го направиме овој чекор. Лани тоа го направи генерацијата 2009, сега и 2010. Станува збор за феноменален резултат, особено затоа што се работи за најмладите репрезентативни селекции. Во последните 30 години само двапати сме имале пласман во елитната фаза, а сега тоа го остваруваме две години последователно“, истакна Христов.
Христов вели и дека реорганизацијата на лигата е еден од главните фактори за напредокот во младинските категории.
„Ја реорганизиравме лигата. Секоја недела ги имаме децата на терените и тоа е многу важно за нивниот развој и за резултатите што ги постигнуваме. Не влегуваме во никаква еуфорија. Важно е самите деца да видат дека можат да напредуваат, но и дека никој нема загарантирано место во тимот, без разлика на претходниот труд. Тоа важи и за селекторите. Селекцијата мора да биде конкурентна, а одлуките да се носат врз основа на она што го гледаме на теренот“, посочи Христов.
Додаде и дека во процесот мораат да се борат и со нефудбалски работи, но и покрај тоа очекува за период од две години сениорската репрезентација да почне да добива нови квалитетни фудбалери.
„Сè уште се бориме со нефудбалски работи, за жал, но многу помалку отколку во првата година. За да препорачаме некое дете, треба да бидеме 300 проценти сигурни. Многу често кажувам дека некое дете не заслужува да биде во репрезентацијата, затоа што го гледам и знам што се случува. Нефудбалски работи ќе има и понатаму, но се бориме против нив и верувам дека ќе успееме“, истакна Христов.
„Минатата година кажав дека во тој момент немаме репрезентативци за А селекцијата од овие генерации, но дека за две години ќе имаме. Верувам дека тоа ќе се случи. Има квалитет, има потенцијал и важно е да продолжиме да работиме во вистинска насока. Резултатите во младите категории се важни, но уште поважно е колку фудбалери ќе успееме да создадеме за А репрезентацијата“, смета поранешниот напаѓач.