Дебакл на Денвер, Далас им одржа лекција на Јокиќ и компанија (ВИДЕО)

Далас Маверикс приреди изненадување во Денвер, совладувајќи ги Нагетс со убедливи 120-101 во натпревар од НБА Купот. Гостите ја прекинаа победничката серија на домашниот состав и уште еднаш потврдија дека влегуваат во сè подобра форма.

Приказна на вечерта беше Купер Флег. Младиот кошаркар одигра натпревар на високо ниво, завршувајќи го со 24 поени, шест скока и 12 асистенции. Неговата организација на играта и способноста да ги вклучи соиграчите беа меѓу главните причини за убедливиот триумф на Далас.

Но, победата на Маверикс не беше дело само на индивидуалниот квалитет. Гостите одиграа извонредна одбрана, особено во првото полувреме, кога целосно го запреа офанзивниот ритам на Денвер. Домашниот тим на паузата имаше само 39 постигнати поени, а Далас замина на одмор со огромна предност од 58-39. Нагетс се обидоа да се вратат во третата четвртина. Со подобра реализација од далечина, предводени од Кристијан Браун, успеаја да ја намалат негативата и во еден момент да стигнат на само три поени разлика (77-80). Сепак, надежта за пресврт кратко траеше.

Далас веднаш возврати, повторно воспостави двоцифрена предност и во последните 12 минути не му дозволи на противникот да се закани посериозно. Особено импресивен беше начинот на кој гостите ја искористија брзината во транзиција, освојувајќи ја таа статистичка категорија со убедливи 35-7.

Никола Јокиќ имаше 18 поени, 11 скока и пет асистенции, но со пет загубени топки и скромна реализација од поле (6/14) не успеа да го извлече својот тим од проблемите. Џамал Мареј беше најефикасен кај Денвер со 20 поени, додека Камерон Џонсон додаде 17. Кај победничкиот состав, покрај Флег, се истакнаа Пи-Џеј Вашингтон и Наџи Маршал со по 14 поени, додека Даниел Гафорд и Кејлеб Мартин запишаа по 13. Мартин имаше и пет украдени топки, со што беше еден од најзаслужните за дефанзивната доминација на гостите.

Со оваа победа Далас стигна до четвртиот триумф по ред и го задржа максималниот ефект во групната фаза на НБА Купот (3-0). Денвер, пак, ја прекина серијата од три победи и доби сериозен сигнал дека има многу простор за подобрување, особено во дефанзивниот сегмент.

РЕЗУЛТАТИ
Орландо – Детроит 86-104
Вашингтон – Бостон 116-131
Далас – Денвер 120-101