Макс го понижи Расел по лудата трка во Лас Вегас: Тој е под моето ниво – уживав во неговиот судир!

Макс Ферстапен утринава стигна до својата трета победа на Големата награда на Лас Вегас, триумфирајќи во една од најлудите трки во историјата на Формула 1, одбележана со дури 35 промени на водечката позиција.

Возачот на Ред Бул, кој стартуваше од пол-позицијата, мина прв низ целта пред двоецот на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри, а по завршувањето на спектаклот испрати и брутална порака до својот ривал од Мерцедес, Џорџ Расел. На прес-конференцијата по трката, четирикратниот светски шампион не штедеше зборови за Британецот, осврнувајќи се на неговите коментари надвор од патеката и на инцидентот што го имаше Расел.

„Тој многу зборува покрај патеката, но искрено, тоа воопшто не ми пречи бидејќи е толку далеку под моето ниво што за мене нема никаква смисла дури ни да се обидувам да го предизвикам тоа. А денес, кармата е ку*ва! Искрено, беше фантастично кога погледнав во ретровизорот и видов што се случува. Си реков: 'Фантастично, денот ми станува сè подобар!'“, Ферстапен го прокоментира удирањето на Расел во ѕидот крај патеката.

Говорејќи за самата трка, Холанѓанецот не ги криеше емоциите од екстремната динамика на патеката, признавајќи дека во целата своја кариера не учествувал во трка со ваков интензитет и постојани напади на чело на колоната.

„Лудило! Навистина, просто нереално. Никогаш досега не сум видел вакво нешто во Формула 1“, порача победникот веднаш по излегувањето од болидот.Ферстапен го откри и клучниот тактички елемент што ја направи трката толку изедначена – управувањето со електричната енергија.

Според него, Ред Бул на самиот старт го пронашол оптималниот режим за користење на батеријата, но конкурентите брзо ја прочитале и ја копирале нивната стратегија, што довело до постојани претекнувања.

„Мислам дека на почетокот го најдовме вистинскиот начин да ја користиме електричната енергија, но останатите постепено почнаа да учат и да следат што правиме. Бевме одлично поставени, но битките беа навистина луди. Едноставно беше невозможно да се одлепиш од останатите. Многу сум среќен што успеав да излезам како победник од толку луда трка“, заклучи Ферстапен.