Скандал во Мајами: Меси намерно удри противник со топка в лице, ама не доби црвен картон (ВИДЕО)

Екипата на Интер Мајами претрпе тежок пораз на домашен терен од Колумбус Кру (0-3) во првиот натпревар од осминафиналето на плеј-офот во МЛС-лигата, во дуел кој беше одбележан и со неспортскиот потег на Лионел Меси во судиското надополнување на првото полувреме.

Гостите најавија големо изненадување уште во деветтата минута, кога Гонзало Тапија беше прецизен од белата точка. Работата на домаќините дополнително им ја отежна Лухан, кој во 36. минута заработи втор жолт картон и го остави Интер со играч помалку на теренот. Колумбус умешно ја искористи бројчаната предност во второто полувреме. Хабрун во 52. минута зголеми на 2-0, а само шест минути подоцна Тапија со својот втор погодок ги постави конечните 3-0.

Сепак, по натпреварот најмногу се зборуваше за инцидентот во кој главна улога имаше легендарниот Аргентинец. Откако топката излезе надвор од игра, Меси се обиде брзо да изведе аут, но на патот му застана Тапија, по што намерно го погоди фудбалерот на Колумбус со топката директно в лице. Главниот судија им покажа жолти картони на двајцата играчи, одлука која предизвика бурни реакции кај гостите, кои сметаа дека аргентинската ѕвезда заслужи директен црвен картон.

Интер Мајами сега се наоѓа пред исклучително тешка задача и во реваншот, кој е закажан за 28 ноември на теренот на Колумбус, ќе влезе со негатива од три гола.