Конечно, радост за Скопје - во 14. коло дојде до првата победа
Во директната пресметка на екипите од долниот дел на табелата, „пиратите“ ја искористија предноста на домашниот терен и освоија исклучително важни три бода. За составот на Иван Варадиновски ова е значаен поттик во обидот да се избори за опстанок во елитното друштво.
Домаќините првиот сериозен удар го зададоа во финишот на првото полувреме. Претходно, Арсими имаше две добри можности преку Гаје, кој најпрво беше запрен од Наумовски, а потоа ја затресе стативата. Место гостите да поведат, казната стигна во 41. минута. Брдаровски испрати одлична топка во шеснаесетникот, а Гордиќ со прецизен удар со глава ја испрати во мрежата за 1-0.
Скопје уште повеќе ја зголеми предноста на почетокот од вториот дел. Во 52. минута Гордиќ повлече акција по левата страна и го пронајде Гроздановски, кој шутираше кон голот. Топката го погоди Зука, го промени правецот и заврши зад грбот на гостинскиот голман за 2-0. Гордиќ имаше можност да стави точка на прашањето околу победникот во 68. минута, но не ја искористи големата шанса. Веднаш потоа Арсими ја врати неизвесноста. Рамадани нафрли одлично, а резервистот Мустафа со удар со глава намали на 2-1.
Гостите не успеаја да направат и втор чекор кон израмнување. Скопје ја сочува предноста до последниот судиски свиреж и конечно имаше причина за славје. Сега тимот од Автокоманда има седум бода, три помалку од својот денешен противник.