Зверев ја потврди доминацијата во Торино, Шелтон оди во полуфинале

Александер Зверев ја заврши групната фаза на завршниот АТП мастерс во Торино со максимален ефект. Германскиот тенисер го совлада Артур Фис со 6-4, 7-6 (8-6) и со три победи од исто толку натпревари го освои првото место во групата „Џон Мекинро“.

Зверев и пред последниот дуел имаше обезбедено пласман во полуфиналето, но против Французинот сакаше да ја потврди одличната форма. Од друга страна, Фис влезе во мечот со јасна задача – му беше потребна победа во два сета за да го преземе местото на Бен Шелтон во полуфиналето.

Германецот не му остави многу простор на противникот. Во првиот сет направи брејк во седмиот гем, а потоа сигурно ја зачува предноста за 6-4. Неговиот сервис функционираше речиси беспрекорно, па Филс не успеа да стигне ниту до една можност за брејк. Вториот сет донесе поголема неизвесност. Двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис, па одлуката падна во тај-брејк. Таму Зверев поведе со убедлива предност, но Филс не се предаде, спаси дури пет меч-топки и успеа да израмни на 6-6. Сепак, Германецот остана смирен во завршницата и со 8-6 го затвори мечот.

Овој резултат значеше крај за настапот на Фис во Торино, но и голема радост за Бен Шелтон. Американецот, кој претходно го совлада Рафаел Ходар, го обезбеди второто место во групата и пласманот меѓу четирите најдобри.