Денвер имаше -17 против Бостон, а потоа тргнаа Јокиќ и Мареј (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер Нагетс славеа против Бостон Селтикс со 105-101, по голем пресврт на домашен терен. Иако Бостон во еден момент имаше предност од 17 поени, Денвер успеа да се врати во натпреварот и да стигне до значајна победа, предводен од Никола Јокиќ.

 

Српскиот центар одигра одличен натпревар, завршувајќи го со 24 поени, осум скока и девет асистенции. Јокиќ шутираше 9/17 од поле и забележа една блокада.

Важен придонес во победата имаше и Џамал Мареј, кој постигна 21 поен, додаде седум скока и четири украдени топки. Демар Дерозан постигна 18 поени, а особено се истакна во последната четвртина.

Бостон одлично го започна натпреварот и поведе со 8:0. Гостите ја добија првата четвртина со 30-24, а во продолжението ја зголемија предноста до максимални 17 поени (61-44). Сепак, Денвер не се предаде. Домашниот тим постепено ја намалуваше негативата, а во третата четвртина успеа целосно да го промени текот на натпреварот. По неколку минути игра во второто полувреме, Нагетс поведоа со 69-67, додека во последната четвртина двата тима влегоа со израмнет резултат 80-80.

Во неизвесната завршница, Дерозан презеде одговорност и со важни поени му донесе предност на Денвер. Мареј шест секунди пред крајот погоди за два поени и ја зголеми предноста на својот тим. Бостон се обиде да се врати, но Џејсон Тејтум заработи техничка грешка, по што Мареј го реализираше дополнителното слободно фрлање за конечни 105-101.

Покрај одличната партија и значајната победа, Јокиќ оствари и посебен индивидуален успех. Тој стана вториот кошаркар во историјата на Денвер кој погодил најмалку 7.000 шутеви од поле. Пред него тоа му успеало само на легендарниот Алекс Инглиш, кој е клупски рекордер со речиси 9.000 погодени шутеви.

РЕЗУЛТАТИ
Мајами – Милвоки 137-130
Индијана – Хјустон 104-119
Кливленд – Мемфис 121-124
Орландо – Филаделфија 116-121
Бруклин – Чикаго 107-137
Торонто – Вашингтон 99-103
Оклахома – Атланта 112-117
Њу Орлеанс – Детроит 109-122
Далас – Голден Стејт 116-94
Денвер – Бостон 105-101
ЛА Лејкерс – Јута 97-109
Сакраменто – Феникс 107-128