Експериментот на Венгер бил неуспешен - нема да се менува правилото за офсајд!
Меѓународниот одбор на фудбалските асоцијации (ИФАБ) сериозно размислува целосно да се откаже од предложената промена, откако тестирањата не ги дале посакуваните резултати.
Како што пренесува британски „Тајмс“, повеќемесечниот експеримент покажал дека новото правило не го направило фудбалот поофанзивен, туку предизвикало спротивен ефект.
Според предлогот на Венгер, напаѓачот не би бил во офсајд сè додека барем еден дел од телото со кој може да постигне гол е во линија со претпоследниот противнички фудбалер.
Тестирањата започнаа во април 2026 година во канадската Премиер лига, а анализата откри неколку интересни податоци:
Дури 54 проценти помалку офсајди – бројот на досудени недозволени позиции значително се намалил.
Одбраните се повлекле поблиску до својот гол – наместо поофанзивен фудбал, тренерите ги спуштиле одбранбените линии во просек за еден до три метри, со што играта станала позатворена.
Минимално зголемување на бројот на голови – во текот на целиот експеримент биле постигнати само 13 погодоци кои според актуелните правила би биле поништени поради офсајд.
Интересно е што, според „Тајмс“, ниту самиот Венгер не е целосно убеден во успешноста на експериментот. Иако конечната одлука сè уште не е донесена, се очекува претставниците на ИФАБ на претстојниот состанок да гласаат против усвојувањето на новото правило.