Јужна Америка подготвува голема промена: Лига на нациите место квалификации за СП 2030?
Информацијата ја откри претседателот на Уругвајската фудбалска асоцијација, Игнасио Алонсо во разговор за тамошната радио-станица „Карве Депортива“. Според неговите најави, следниот квалификациски циклус во зоната на КОНМЕБОЛ би имал поинаков формат, инспириран од системот што веќе се применува во Европа и Северна Америка.
Идејата доаѓа во специфичен момент за јужноамериканскиот фудбал. Аргентина, Уругвај и Парагвај ќе бидат домаќини на по еден натпревар од Светското првенство во 2030 година, во рамките на одбележувањето на стогодишнината од првиот Мундијал. Поради таа улога, трите репрезентации ќе добијат автоматски пласман на завршниот турнир. Токму тоа е една од причините за размислувањето за нов модел. Со оглед на тоа што три од десетте јужноамерикански селекции веќе би имале обезбедено место на Светското првенство, постои потреба да се задржи натпреварувачкиот мотив во меѓусебните дуели. Нов формат би им овозможил на сите репрезентации да играат официјални натпревари и да се борат за дополнителна титула.
Засега, сепак, нема објавени конкретни детали за организацијата. Не е познато дали ќе има дивизии, групи, промоција и испаѓање, ниту колку натпревари би одиграла секоја селекција. Не е прецизирано ни како точно би се поврзал новиот систем со распределбата на преостанатите места за Мундијалот.