Скандал: Осум фудбалери завршија во притвор поради напад на судија! (ВИДЕО)

Осум фудбалери и економот на аргентинскиот аматерски клуб Феро Карил Оесте завршија во притвор откако физички го нападнале помошниот судија.

Инцидентот се случи во неделата, во 94. минута од натпреварот против Хуракан, во рамките на Регионалниот аматерски турнир. Хуракан славел со убедливи 5-1.

Станува збор за реванш-натпревар од плејофот во регионот Пампеана Сур, а Феро од првиот дуел имаше предност од 3-0. Хуракан сепак успеа да направи целосен пресврт и да се пласира во финалето на регионот против Расинг.

Последниот гол за конечни 5-1 го постигнал Иван Агудијак во 94. минута. Фудбалерите на Феро сметаа дека голот бил постигнат од офсајд-позиција, по што веднаш се упатија кон судиите. Го опколија вториот помошен судија Мауро Сехас и физички го нападнаа, додека главниот арбитар Лаутаро Палета успеал да побегне кон соблекувалните.

Натпреварот се играше без присуство на публика, но целиот инцидент бил снимен, а видеото брзо се прошири на социјалните мрежи. Полицијата по натпреварот привела девет членови на делегацијата на Феро, осум фудбалери и клупскиот економ.