Повторно драма во Африка: Тунис бараше ВАР, па го напушти теренот (ВИДЕО)

Драматични сцени беа видени на натпреварот меѓу Либија и Тунис во квалификациите за Африканскиот куп на нации 2027 година. Фудбалерите на Тунис во знак на протест накратко го напуштија теренот откако судијата досуди пенал за домаќините во финишот на првото полувреме.

Инцидентот се случи во 43. минута, кога Тунис имаше водство од 1-0 со голот на Анис Бен Слиман од третата минута. По дуелот меѓу голманот Ајмен Дамен и напаѓачот на Либија, Езо Ел Маријами, арбитарот покажа на белата точка, што предизвика бурни реакции кај гостинските фудбалери.

Тунижаните бараа спорната ситуација да биде проверена со ВАР-технологија, но на овој натпревар немаше можност за таква проверка. Незадоволни од одлуката, дел од репрезентативците го напуштија теренот, а прекинот траеше неколку минути. По разговорите, сепак, се вратија и натпреварот продолжи.

Ел Маријами го реализираше пеналот во петтата минута од судиското продолжение во првиот дел и донесе израмнување на 1-1. Со тој резултат заврши и натпреварот.

Тунис така остана без победа и по четири одиграни кола во квалификациите, а дополнителен удар за репрезентацијата е фактот што само четири дена претходно загуби од истата селекција со 2-0 на домашен терен.

Овие сцени потсетија на контроверзното финале на Африканскиот куп на нации меѓу Сенегал и Мароко во јануари оваа година. Тогаш фудбалерите на Сенегал, по повикот на селекторот Папе Тиав, исто така го напуштија теренот откако судијата досуди пенал за Мароко во судиското продолжение.