Најголемиот англиски талент се збогуваше со Манчестер јунајтед!
Џеј Џеј Габриел и официјално се прости од Манчестер јунајтед. Еден од најталентираните млади фудбалери на Островот реши да ја напушти академијата на англискиот гигант, иако клубот направи сè за да го задржи и да потпише професионален договор со него.
Ваквиот расплет не е изненадување, бидејќи веќе неколку недели се најавуваше неговото заминување. Според информациите, најблиску до неговиот потпис е Реал Мадрид, кој во трката за неговите услуги ја победи Барселона.
Габриел се огласи и со емотивна порака, во која се збогуваше со клубот во кој пристигна во 2020 година, кога имаше само 10 години.
„Драг Манчестер јунајтед, пристигнав во 2020 година како десетгодишно момче со големи соништа. Овде растев и како фудбалер и како личност. Од постигнувањето голови на „Олд Трафорд“ до освојувањето на наградата „Џими Марфи“. Ми подари моменти кои засекогаш ќе ги паметам. На секој тренер, член на стручниот штаб, соиграч и на сите кои ме поддржуваа – ви благодарам што верувавте во мене и ми помогнавте да напредувам. Додека го започнувам следното поглавје, Манчестер јунајтед засекогаш ќе остане дел од мојата приказна. Ви благодарам за сè“, порача младиот фудбалер.
Габриел е роден во 2010 година и игра на позицијата централен играч за врска. И покрај младата возраст, веќе настапуваше со повозрасни генерации и важи за еден од најголемите таленти на англискиот фудбал.
За неговиот потпис интерес покажаа и Барселона, Пари Сен Жермен и Баерн Минхен, но според најавите, Реал Мадрид е клубот кој ја доби трката за неговиот ангажман.