Македонија дозна уште еден можен ривал во баражот од Лигата на нации
Решавачкиот погодок на средбата го постигна Аки Самуелсен во 24. минута, носејќи им на домаќините три исклучително важни бода. Со овој триумф Фарските Острови ја завршија групната фаза пред Молдавија и се изборија за место во баражот. Интересно е тоа што оваа селекција ја заврши Лигата на нации без пораз откако претходно имаше серија од пет нерешени резултати.
Така, покрај Белорусија и Кипар, кои претходно го обезбедија второто место во своите групи, Фарските Острови исто така сега се на списокот на можни противници на Македонија.
Последниот потенцијален ривал ќе биде познат по завршувањето на групата Ц4, во која Естонија и Исланд веќе ги имаат обезбедено првите две позиции. Исланд е во подобра позиција за освојување на групата и директен пласман во Лигата Б бидејќи се наоѓа на првото место и игра против Луксембург, додека Естонија е сериозен кандидат за второто место кое води во баражот, но ќе очекува кикс на Исланѓаните.
Македонија, пак, без оглед на исходот од последниот натпревар против Словенија, ќе ја заврши својата група на последното место и ќе мора преку бараж да го брани статусот во Лигата Б.
Ждрепката за баражите е закажана за 20 ноември, а натпреварите ќе се играат од 25 до 30 март 2027 година. Противникот на Македонија ќе биде една од четирите второпласирани репрезентации од групите во Лигата Ц.