Лудница во Италија: Роландињо денеска ќе „дебитира“ пред преполн стадион во Равена!

Легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо денеска и официјално ќе се врати на фудбалските терени и тоа по повеќе од 11 години откако замина во играчка пензија.

Поранешниот освојувач на Златната топка и светски шампион со Бразил повторно ќе ги облече копачките за да настапи за италијанскиот клуб Равена во градското дерби против Форли (17.30 часот) во меч од 14. коло од Серија Ц. Тренерот Андреа Мандорлини потврди дека славниот Бразилец ќе биде во стартната постава како еден од тројцата напаѓачи, со очекување да одигра околу половина час.

Легендарниот Бразилец својот последен професионален настап го имаше во 2015 година за Флуминенсе, додека крајот на играчката кариера официјално го објави три години подоцна. Неговото пристигнување во Равена е дел од амбициозниот проект на претседателот на клубот Игнацио Чипријани, со кого Роналдињо е долгогодишен пријател, а воедно славниот фудбалер е и сопственик на дел од акциите на третолигашот. Во изјава за италијанските медиуми, Роналдињо истакна дека е исклучително среќен што повторно е на теренот и дека сака да ги израдува новите навивачи, оставајќи отворена можност на овој натпревар да го постигне и својот јубилеен 300-ти гол во професионалната кариера.

Интересот за овој натпревар ги надмина сите очекувања и рамки за едно вообичаено третолигашко дерби. Стадионот „Бруно Бенели“ е целосно распродаден, а поради огромниот наплив на навивачи кои сакаат повторно да ги видат магиите на поранешниот ас на Барселона и Милан, поставена е и привремена трибина со 1.800 седишта, симболично именувана „Р10“.

Равена во моментов се наоѓа на второто место на табелата во Серија Ц, со јасна амбиција во наредниот период да се избори за пласман во повисок ранг и да се доближи до елитата на италијанскиот фудбал.