Вардар го доби големото дерби со Алкалоид и остана перфектен во Суперлигата (ФОТО)
Вардар го отвори натпреварот со мини-серија од 3-0, по што во продолжение се играше гол за гол и се водеше жестока борба на теренот. Екипата од Автокоманда ја анулира негативата и стигна до израмнување во 21. минута (12-12), по што до крајот на првото полувреме се водеше голема борба (17-17).
Дербито понуди возбудувања и на стартот на вториот дел, а Алкалоид дури успеа и да поведе со 22-21 и да ја одржува предноста сè до 45. минута, кога Вардар со серија од 6-0 (31-26) го направи првиот чекор кон победата.
Избраниците на Кире Лазаров не успеаја да одговорат во продолжение од средбата, додека беспрекорно функционираше нападот на екипата на Иван Чупиќ, која на крајот славеше со 36-31.
Најефикасен во редовите на Вардар беше Фадуил со 11 голови, додека кај Алкалоид блесна Костески со осум погодоци.
Вардар е лидер со 20 бодови во лигата, по што следат Пелистер и Охрид со по 17 поени, а Алкалоид е четврти со 16 бода.














