„Седумката“ во првиот меч од пост-Роналдо ерата ќе ја носи фудбалер со само еден настап за Португалија

Португалија влегува во ново поглавје, без Кристијано Роналдо, а прашањето кој ќе го преземе неговиот легендарен број 7 веќе го доби првиот одговор. На вечерашниот дуел со Данска во Брага, дресот со препознатливиот број ќе му припадне на Карлос Форбс, крилниот напаѓач на Клуб Бриж, кој досега има само еден настап за сениорската репрезентација.

Интересно е што Форбс веќе еднаш го носел овој број во националниот тим. Тоа се случи во ноември 2025 година, токму на неговото деби, на натпреварот против Ерменија, кога Португалија славеше убедливо со 9-1, а Роналдо не беше во составот поради суспензија. Токму тогаш младиот офанзивец го забележа и единствениот настап за сениорската селекција.

Изборот на Форбс е привремено решение, а не одлука дека токму тој ќе биде наследник на Роналдо во долг временски период. Според португалските медиуми, Рафаел Леао е еден од главните кандидати да ја преземе „седумката“ на долг рок, но фудбалерот на Галатасарај го пропушта овој репрезентативен циклус поради повреда. Интересно е тоа што Форбс има 22 години, а е роден седум месеци по дебито на Роналдо за репрезентацијата на Португалија.

Натпреварот со Данска ќе има и посебна симболика. Португалската федерација подготвува почит за легендарниот капитен, па сите репрезентативци ќе се појават на теренот со дресови со бројот 7, во чест на фудбалерот кој повеќе од две децении ја предводеше националната селекција.

Роналдо ја заврши репрезентативната кариера како најдобар стрелец во историјата на Португалија, со 146 погодоци на 234 настапи, бројки што тешко дека ќе бидат надминати во блиска иднина.