Реал игра валкано во обид да донесе уште една голема ѕвезда

Реал Мадрид не се откажува од намерата да го доведе Мајкл Олисе, но начинот на кој шпанскиот гигант се обидува да стигне до францускиот репрезентативец предизвикува сериозно незадоволство во Минхен.

Според информациите што ги пренесуваат медиумите, во Баерн сметаат дека интересот на Шпанците прераснал во притисок врз нивниот клуб, особено поради зачестените шпекулации за иднината на еден од најважните фудбалери во составот на Винсент Компани.

Олисе пристигна во Баерн од Кристал Палас во 2024 година и за кратко време се наметна како една од најголемите ѕвезди на германскиот шампион. Неговата техника, брзина, дриблинг и способност да решава натпревари го направија исклучително интересен за најголемите европски клубови. Реал одамна го следи неговиот развој, но во Минхен не гледаат причина да се откажат од играч кој има огромно значење за нивните амбиции. Баерн претходно јавно демонстрираше дека не сака да влегува во преговори за својата ѕвезда, додека мадридскиот клуб во јуни годинава официјално демантираше дека имал каков било директен или индиректен контакт со Олисе, неговите претставници или луѓето од неговото опкружување.

Сепак, приказната не завршува тука. Претседателот на Баерн, Јан-Кристијан Дризен, во септември остави простор за различни толкувања кога зборуваше за иднината на Французинот, посочувајќи дека прашањето за неговото задржување ќе биде разгледано повторно следното лето. Олисе има договор со Баварците до 2029 година, а неговата пазарна вредност дополнително расте со секој нов настап. Баерн е свесен дека интересот за него ќе биде огромен, но засега приоритет е да ја задржи својата офанзивна ѕвезда.

Реал Мадрид, од друга страна, продолжува да бара фудбалери кои можат да внесат дополнителен квалитет и креативност во нападот. Олисе совршено се вклопува во таквиот профил, но евентуалното реализирање на трансферот ќе зависи пред сè од подготвеноста на Баерн да седне на преговарачка маса.