Хаос на Олд Трафорд: Глејзери повторно ја презедоа контролата

Ситуацијата во Манчестер Јунајтед станува сè покомплицирана. Назначувањето на Маурисио Покетино за нов менаџер отвори сериозни прашања за тоа кој навистина ги носи одлуките на Олд Трафорд, бидејќи според англиските медиуми, семејството Глејзер повторно ја презема главната улога во управувањето со клубот.

Американските сопственици се незадоволни од работата на Џим Ретклиф и неговиот тим од ИНЕОС, пред сè од спортските одлуки, честите тренерски промени и неуспешната трансфер-политика. Токму Ретклиф, по преземањето на 25 проценти од акциите во декември 2023 година, ја доби контролата врз спортскиот сектор и ги постави Омар Берада и Џејсон Вилкокс на клучни позиции.

Сепак, резултатите не ги оправдаа очекувањата. Промените на клупата, несигурноста околу тренерските решенија и промашувањата на трансфер-пазарот дополнително ја продлабочија кризата.

Според информациите од Англија, Глејзери имале клучна улога во изборот на Покетино, иако Берада и Вилкокс повеќе го посакувале Еди Хау. Американските сопственици ги искористиле своите контакти со милијардерот Кен Грифин, кој помогнал во договорот со аргентинскиот стратег.

Дополнителен проблем е што Покетино, според истите извори, би требало да комуницира директно со семејството Глејзер, наместо да одговара пред раководната структура на ИНЕОС. Така, луѓето задолжени за секојдневното функционирање на клубот би можеле да останат без вистинско влијание врз најважните спортски одлуки. Берада и Вилкокс, наводно, добиле последна можност да ја оправдаат довербата, а нов неуспех би можел да значи и нивно заминување.