Навивачите на Барселона можат да почиваат во мир на Камп Ноу за 2.500 евра
Проектот го носи името „Меморијал Барселона“ и предвидува изградба на простор со капацитет од дури 26.000 места за урни, како и 9.000 комеморативни плочи. Комплексот ќе зафаќа површина од околу 1.500 квадратни метри, во делот на северната трибина на стадионот.
Интересната идеја веќе привлече големо внимание, бидејќи Барселона практично им нуди на своите навивачи можност и по смртта да останат поврзани со клубот кој го сакале во текот на животот.
Најголемо внимание привлекуваат цените. За да обезбедат место за урна, заинтересираните ќе треба да издвојат: 2.490 евра за период од 10 години, 4.990 евра за период од 25 години i 5.990 евра за период од 50 години.
На овие суми дополнително се плаќаат 180 евра за урна и административни услуги, како и годишен надомест од 70 евра за одржување. Првата година од одржувањето е вклучена во цената. Можно е и доплаќање за одредени попривилегирани локации во комплексот.
Интересно е што ова не е класичен гробен простор, туку колумбариум – место наменето за чување урни со кремирани посмртни останки. Договорите се склучуваат на определен период, а по неговото истекување постои можност пепелта да биде префрлена во заедничкиот меморијален простор. Таа опција е вклучена во пакетот од 50 години, додека кај пократките договори се доплаќа.
Планот предвидува и 9.000 комеморативни плочи за навивачите кои сакаат нивните имиња и лични пораки да останат поврзани со клубот, без притоа да резервираат место за урна. Првата фаза од комплексот треба да биде отворена на крајот на 2027 година, додека втората е планирана за средината на 2028 година. Повеќе од 1.000 навивачи веќе резервирале место.
Од Барселона велат дека идејата е да се создаде посебно место за сеќавање на луѓето чиј живот бил нераскинливо поврзан со клубот. Проектот е достапен и за оние кои не се членови на Барселона.