Роналдињо пристигна во Италија, в недела пак ќе заигра - цените на билетите драстично скокнаа (ВИДЕО)
Неговиот камбек е закажан за недела, 15 ноември, кога Равена ќе го пречека Форли во рамките на 14. коло од третото по ранг натпреварување во Италија. Тоа ќе биде прв официјален настап на Бразилецот по повеќе од 11 години, откако последен пат играше за Флуминенсе во септември 2015 година.
Веста за неговото враќање предизвика огромен интерес, а тоа најдобро се гледа и преку побарувачката за билети. Клубот ги зголеми цените на влезниците, па некои од нив поскапеа дури четирикратно. Билетот за наткриената странична трибина, кој вообичаено чини 30 евра, сега се продава за 120 евра, додека влезниците за долната трибина од 21 достигнаа 60 евра. Дополнително, за овој натпревар е поставена и монтажна трибина „Р10“, со посебни билети кои првично се продаваа по 75, а потоа по 90 евра. Најскапите ВИП-пакети достигнуваат цена од 150 евра. Одлуката да не важат сезонските билети за овој натпревар предизвика незадоволство кај дел од редовните посетители на стадионот.
Роналдињо летово беше ангажиран како промотивно лице на Равена, а договорот со претседателот на клубот, Игнацио Чипријани, предвидувал и негово враќање на теренот во официјален натпревар.
Бразилецот денеска пристигна во Италија, по што беше официјално претставен во клубот и одработи еден тренинг. Сè уште не е познато колку минути ќе добие, бидејќи конечната одлука ќе ја донесе тренерот Андреа Мандорлини. Равена во моментов се наоѓа на второто место во својата група и се бори за пласман во повисок ранг, па враќањето на светската фудбалска ѕвезда претставува огромен настан за клубот.