Скандалозна провокација од Кипар – најавија средба против Скопје, а не против Македонија!

Голем скандал предизвика објавата на Кошаркарската федерација на Кипар при објавата на списокот кошаркари за претстојните два дуели од претквалификациите за ЕП 2029, откако одби нашата држава да ја нарече Македонија дури и со наметнатата придавка Северна туку објави дека ќе игра против – Скопје.

Тие покрај имињата на кошаркари напишаа дека на 26 ноември играат гостински натпревар против Скопје, а три дена подоцна гостуваат кај Австрија. Начинот на кој е напишано не дава можност за некоја ненамерна грешка или најава дека доаѓаат во Скопје како место каде што се игра натпреварот туку намерна провокација со националистичка конотација.

Ова е објава на официјална страница на официјален субјект поради што тука мора да има работа за органите на ФИБА, кои мора да го казнат ова преименување на нашата држава. А на македонските спортски вљубеници е да ја наполнат до последно место салата на мечот против Кипар во салата „Лазар Лечиќ“ и со концерт свирежи да го пречекаат провокаторот. А потоа со френетичен аплауз да ги испратат македонските кошаркари, за кои ваквото понижување треба да биде мотив плус да дадат се од себе и на теренот да ги згазат препотентните Кипарци.