Лудница во Кина каква ретко се гледа: На пет кола пред крајот имаа +14 и - ја загубија титулата
Во последните пет кола, Далијан оствари пет победи, додека во истиот период Ченгду освои само еден бод. Двата тима на крајот имаа по 52 бода, но титулата замина кај Далијан поради подобриот меѓусебен биланс.
Во финалното коло Далијан ја заврши работата пред своите навивачи, совладувајќи го Тјанџин со 3-1. Во исто време, Ченгду гостуваше кај Шандонг Тајшан и му беше потребен само бод за да ја потврди титулата. Наместо тоа, доживеа пораз од 2-3. Рафаел Меркис и Гиљерме Мадруга му донесоа предност од 2-0 на Шандонг, Фелипе Силва намали пред паузата, а Кризан во 63. минута повторно ја зголеми разликата. Велингтон Силва со погодокот во 79. минута внесе неизвесност во финишот, но Ченгду не успеа да стигне до израмнување.
Така, двата клуба ја завршија сезоната со по 52 бода, но Далијан беше подобар во меѓусебните дуели и го подигна трофејот. Пресвртниот момент беше директната пресметка на претпоследното коло, кога Далијан славеше на гостувањето кај Ченгду со 1-0. Токму тој триумф му овозможи на тимот да влезе во последната рунда со реална шанса за историски подвиг.
За градот Далијан ова е враќање на кинескиот фудбалски врв по повеќе од две децении. Последниот шампионски пехар во градот го освои Далијан Шиде во 2005 година. Сега, новиот клуб од градот испиша сопствена историја со еден од најневеројатните пресврти што ги видела кинеската Суперлига. Ченгду, пак, ќе има долго да жали. На пет кола до крајот титулата изгледаше речиси обезбедена, но само еден освоен бод во завршните пет натпревари го претвори сигурниот шампион во најголем губитник во историјата.