„Се почитуваме со Грците и немаме проблем со нив – политиката надвор од спортот!“

Ракометната репрезентација на Македонија денеска ќе ѝ гостува на селекцијата на Грција (16 часот) во спортската сала „Канитос“ во Халкида, во рамките на второто коло од квалификациите за ЕП 2028 година, во меч со исклучителна важност за пласманот на завршниот турнир.

Македонската репрезентација кај јужниот сосед пристигна по убедливата победа над Луксембург (41-23) и ќе проба да го пробие бедемок во Халкида, каде што противникот во последните пет години има осум победи и само два порази. Селекторот Кирил Лазаров има голем респект за ривалот, а воедно посакува политиката да се најде надвор од теренот, знаејќи ги затегнатите македонско-грчки односи од последните децении.

„Ја почитуваме репрезентацијата на Грција, бидејќи во последните две-три години докажа дека има голем напредок. Очекувам многу тежок натпревар, бидејќи Грците двапати ја победија Холандија, а тоа воопшто не е лесно. Верувам дека ќе биде многу тежок натпревар и ако сакаме позитивен резултат ќе мора да одиграме многу добро. Тоа го знаеме. Сметам дека ќе биде добар натпревар, со почит кон фер-плејот и во спортски рамки. Тоа е спортот. Политиката мора да остане надвор од него. Се почитуваме меѓусебно. Имаме играно и пријателски натпревари и немаме никаков проблем со Грција. Има пријателска атмосфера, добро расположение и позитивна енергија, која екипа е подобра, таа ќе победи“, изјави Лазаров за грчките медиуми.

Во квалификациите за европските и светските првенства, овие две селекции се сретнале осум пати, при што Македонија доминира со шест победи наспроти двата триумфа на Грција