Само по бод за Башкими и Брегалница

Башкими и Брегалница ги поделија бодовите во Куманово, откако нивниот дуел од 14. коло во Првата македонска фудбалска лига заврши 1-1. Домаќините имаа предност на полувремето, но штипјани успеаја да се вратат во игра и да обезбедат реми со погодокот на Натаниел Лоренцо во вториот дел.

Првиот посериозен момент го креираа гостите. Методи Максимов се обиде со удар од дистанца, голманот Бесјан Алиу не успеа да ја задржи топката, па Иван Глигоров доби одлична можност од непосредна близина. Сепак, неговата завршница не беше прецизна и шансата остана неискористена.

Казната за промашувањето стигна во 27. минута. Башкими поведе преку Јахаја Фавзи, кој најдобро се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава ја испрати топката во мрежата на Амар Јашар. Претходно Капланај упати употреблив центаршут од левата страна, а Фавзи остана недоволно покриен и го искористи просторот за водство на кумановци. По примениот гол, Брегалница не успеа веднаш да одговори, па Башкими без поголеми проблеми ја зачува минималната предност до паузата.

Во продолжението штипскиот состав имаше потешкотии да создаде вистинска опасност, но во 73. минута стигна до израмнување. Кристијан Стојковски ја започна акцијата по десната страна и испрати топка во шеснаесетникот. Иван Николов ја продолжи со удар со глава од вториот столб, а Натаниел Лоренцо се најде на вистинското место и со глава ја смести во мрежата за 1-1. За канадскиот интернационалец ова беше трет погодок во тековната сезона.

Во финишот Башкими се обиде повторно да го преземе водството и да дојде до победата. Лимани доби топка зад противничката одбрана и најави потенцијална опасност, но Алексовски навреме реагираше и ја прекина акцијата пред домашниот играч да упати удар. До последниот судиски свиреж резултатот остана непроменет, па двата тима мораа да се задоволат со по еден бод. Брегалница сега има 14 бода и се наоѓа на седмото место, додека Башкими е осми со 11.