Халанд вчера се сретна со девојче со кое пет години поминал во ист тим (ФОТО)
Фотографијата ја објави Лајпциг на својот Фејсбук-профил, а покрај неа беше споделена и стара заедничка фотографија на која Халанд и Норхејм како деца позираат во дресовите на Брине.
Средбата се случи по натпреварот од четвртото коло во Лигата на шампионите, на кој Манчестер сити славеше со 3-2 на „Ред Бул Арена“. Токму Халанд го постигна победничкиот гол во 78. минута.
Норхејм која има 27 години и Халанд пораснале во малиот норвешки град Брине и пет години заедно тренирале во младинската школа на тимот од овој град. Во тој период таа играла како напаѓач, додека денес настапува на позицијата стопер. Кога Лајпциг ја ангажираше, клубот откри дека Норхејм знаела да му зададе многу проблеми на Халанд на тренинзите.
Таа е ќерка на поранешниот напаѓач на Брине, Стиг Норхејм, и на некогашната норвешка шампионка во повеќебој Моника Пене Норхејм. Халанд, пак, е син на поранешниот премиерлигашки фудбалер Алф-Инге Халанд.
Кога Халанд во 2020 година блесна во дресот на Борусија Дортмунд, германски „Билд“ објави текст со наслов „Халанд го научил фудбалот од девојче“. Норхејм тогаш за норвешки „Дагбладет“ изјави дека не би си ги припишувала заслугите за неговиот успех, туку дека едноставно со години тренирале заедно.
И самата Норхејм изгради забележителна кариера. На само 17 години се пресели во Олимпик Лион, со кој во сезоната 2016/17 ги освои Лигата на шампионите, француското првенство и Купот. Подоцна беше шампионка на Шведска со Питеа во 2018 година, двапати ја освои титулата во Данска со Коге (2022 и 2023), а со Спортинг од Лисабон го освои португалскиот Суперкуп во 2024 година.
Во РБ Лајпциг пристигна во летото 2025 година, а со клубот има договор до 30 јуни 2027 година.