На Сити му се заканува нова истрага: Ривалите бараат обвиненија и за периодот по 2018 година

Манчестер Сити би можел да се соочи со нови сериозни проблеми поради финансиското работење, откако сè поголем број раководители на англиски фудбалски клубови бараат Премиер-лигата да отвори дополнителна истрага за периодот по 2018 година.

Според информациите на англиските медиуми, дел од челниците на клубовите сметаат дека досегашната истрага не ги опфатила сите сомнежи поврзани со финансиските активности на актуелниот англиски шампион. Особено внимание привлекува прашањето дали практиките со спонзорските договори, кои беа предмет на претходната постапка, продолжиле и по 2018 година.

Независната комисија утврди дека Манчестер Сити направил сериозни прекршувања на финансиските правила во периодот од сезоната 2009/10 до 2017/18. Обвиненијата се однесуваа на финансиските извештаи, прикажувањето на приходите од спонзорства и информациите за исплатите кон тренерите и фудбалерите.

Токму тука се појавува новото прашање што го поставуваат претставниците на останатите клубови: дали ваквите практики навистина престанале во 2018 година или продолжиле и во следните сезони?

Дополнителни сомнежи предизвикува фактот што комерцијалните приходи на Манчестер Сити останале на високо ниво и во периодот по опфатениот во првичната истрага. Дел од ривалите сметаат дека е неопходно да се провери дали сите спонзорски договори биле склучувани според реалната пазарна вредност. Сепак, во англискиот фудбал нема целосно единство околу потребата од нова постапка. Дел од раководителите сметаат дека најпрво треба да се почека конечниот исход од актуелниот процес, додека други предупредуваат дека нова истрага би можела да трае со години и дополнително да ја наруши репутацијата на Премиер-лигата.

Манчестер Сити ги отфрла обвиненијата и ја оспорува постапката, тврдејќи дека располага со докази со кои може да ја потврди исправноста на своето работење. Дополнителна неизвесност создава и прашањето за санкциите за веќе утврдените прекршувања. Меѓу можните мерки се одземање бодови, финансиска казна и други дисциплински санкции, а во најсериозните сценарија се споменува и исклучување од лигата.