МЗТ пред уште еден голем предизвик - без капитенот ќе проба да ја освои Варшава!

Кошаркарите на македонскиот шампион МЗТ Скопје вечерва ги очекува нов тежок предизвик на европската сцена, каде во рамките на петтото коло од групната фаза во ФИБА Еврокупот ќе му гостуваат на полскиот состав Џики Варшава (19 часот).

„Штрковите“ влегуваат во овој дуел значително ослабени поради неиграњето на повредениот капитен Дамјан Стојановски и со само теоретски шанси за пласман во топ-16 фазата, откако претрпеа четири порази на стартот од европската сезона, од кои дури три на домашен терен. Овој натпревар означува почеток на пеколната серија од три гостувања по ред и исклучително тежок распоред за скопскиот тим пред репрезентативната пауза кон крајот на овој месец.

За разлика од македонскиот претставник, кој се наоѓа на последното место во групата без ниту една победа, полскиот тим е во жестока битка за втората позиција со биланс од три победи и само еден пораз. Најголемата опасност за одбраната на МЗТ Скопје ќе дојде од огромниот напаѓачки потенцијал на домаќините, кои досега постигнуваат просечно 86,3 поени по натпревар, наспроти 73,3 поени на скопскиот состав. Клучни фигури во редовите на Џики се Остин Лук со просек од 13,5 поени и Куан Џексон со 11,8 поени по натпревар.

И покрај лошата европска серија, кошаркарите на МЗТ пристигнуваат во Варшава со дополнителна самодоверба по важниот триумф над Пелистер во домашното првенство, надевајќи се дека овој позитивен психолошки момент ќе го пренесат и на меѓународната сцена каде немаат што да загубат. Индивидуално, скопскиот тим располага со одличен напаѓачки квалитет преку Ноа Али Фарахан кој бележи 16 поени по натпревар и Димитрије Николиќ со 12,7 поени, но за евентуално големо изненадување во Полска ќе им биде неопходна максимална помош од останатите соиграчи.

Во рамките на истата група, веќе е одигран еден натпревар од петтото коло во кој екипата на Вирцбург убедливо го совлада тимот на Тарту (113-79).