Куња даде два гола за три минути, беше исклучен, па сакаше да се тепа со тренерот (ВИДЕО)
„Црвените ѓаволи“ губеа со 0-2 на својот „Олд Трафорд“ од италијанскиот клуб, но успеаја да го свртат резултатот во второто полувреме, најмногу благодарение на Матеус Куња кој постигна два брзи гола во самата завршница - во 83. и 86. минута од натпреварот. Херојската партија на бразилскиот офанзивец набрзо се претвори во вистинска драма. Куња прво доби жолт картон поради соблекување на дресот при прославата на голот, а само пет минути подоцна реагираше наивно и заработи втора јавна опомена, по што главниот судија го исклучи од игра пред крајот на средбата. Ваквиот потег очигледно предизвика големо незадоволство кај тренерот Мајкл Керик, што на крајот резултираше со сериозен инцидент меѓу нив двајца по завршувањето на натпреварот.
Откако се слушна последниот судиски свиреж, Куња се врати на теренот за да ја прослави победата и своите погодоци, но брзо му пријде Керик кој, според очевидци, му наредил веднаш да се врати во соблекувалната. Бразилецот бурно реагирал на оваа наредба и при излегувањето од теренот постојано се вртел назад со желба да се врати и физички да се пресмета со тренерот. Поголем инцидент спречиле вработените во стручниот штаб, па во наредните денови останува да се види какви дисциплински мерки и казна ќе му бидат изречени на фудбалерот од страна на клубот.