Бугарија доби нов стадион вреден 45 милиони евра (ВИДЕО)

Бугарскиот  гигант ЦСКА Софија се врати дома. По речиси три години реконструкција, на 31 октомври свечено беше отворен реновираниот стадион „Бугарска армија“, во кој се вложени околу 45 милиони евра.

Враќањето на историската адреса клубот го одбележа со градското дерби против Славија Софија, во 14. коло од бугарското првенство. Сепак, навивачите не можеа да прослават гол, бидејќи натпреварот заврши без погодоци (0-0).

Новиот стадион има капацитет од 18.540 места за натпреварите од домашното првенство, додека за европските дуели се предвидени 16.819 гледачи. Објектот ги исполнува условите за највисоката, четврта категорија на УЕФА, што овозможува на него да се играат и најзначајните европски клупски натпревари.

Сите трибини се покриени, а отстранувањето на атлетската патека им овозможува на навивачите да бидат поблиску до теренот и да имаат подобар поглед на случувањата. Во рамките на комплексот се наоѓаат и клупски музеј, продавница и угостителски објекти.

Бугарските медиуми веќе го опишуваат новото спортско здание како еден од најмодерните стадиони во Источна Европа.