Две исклучувања, голема победа и славје на „Бомбониера“: Бока го урна Ривер во Суперкласико (ВИДЕО)
Херој на домаќините беше Лаутаро Ди Лољо, кој го постигна единствениот гол во 27. минута. По удар од аголот на Себастијан Виља, дефанзивецот на Бока се најде на вистинското место и со прецизен удар со глава ја затресе мрежата на Ривер.
Но, натпреварот беше сериозно обележан уште во раната фаза. Во деветтата минута Лукас Мартинез Кварта го повлече Мигел Мерентиел додека напаѓачот се движеше кон противничкиот гол. Судијата Николас Рамирес првично не досуди прекршок, но по прегледувањето на снимката преку ВАР ја промени одлуката и му покажа директен црвен картон на дефанзивецот. Ривер мораше речиси целиот натпревар да го одигра со фудбалер помалку, но не се предаде. Голманот Сантијаго Белтран со неколку интервенции ја одржуваше својата екипа во игра, а гостите се обидуваа да останат конкурентни и покрај бројчаната инфериорност.
Нивната задача стана уште потешка во 79. минута, кога Гонзало Монтиел доби директен црвен картон по остар старт врз Бланко. Така, Ривер ја заврши средбата со само деветмина на теренот. Бока имаше можност и поубедливо да слави, но ударот на Алан Веласко во судиското продолжение заврши во стативата. Сепак, погодокот на Ди Љољо беше доволен за голема радост на домашните навивачи.
Победата има и значајна тежина за Бока во трката на годишната табела. Тимот стигна до 60 бода и обезбеди место во Копа Либертадорес за 2027 година, а воедно ја презеде и лидерската позиција, со еден бод предност пред Росарио Сентрал.
За Ривер, пак, поразот е сериозен удар. Тимот останува на 52 бода и повеќе нема можност преку годишната табела да обезбеди пласман во Либертадорес, па ќе мора да бара решение преку завршницата на Клаусура.