МЗТ по тренерската смена се израдува на победа против Пелистер! (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје ставија крај на серијата од четири порази во сите натпреварувања, откако денеска во салата „Јане Сандански“ го совладаа Пелистер со убедливи 74-60 во натпревар од домашната Суперлига.

„Металците“ одиграа сигурен натпревар и уште од почетокот покажаа дека се решени да стигнат до посакуваниот триумф. Рано се одлепија резултатски и првата четвртина ја добија со 22-13, за на голем одмор да заминат со двоцифрена предноста (42-31).

Пелистер се обиде да се врати во игра во третата четвртина во која се доближи и на седум разлика, но МЗТ го одби тој удар и не дозволи гостите да ја направат завршницата неизвесна. Во последниот период домашниот состав повторно ја презеде контролата, го доби со 20-15 и на крајот славеше со конечни 74-60.

Најефикасен во победничкиот состав беше Лука Стојановски со 18 поени, додека капитенот Војдан Стојановски запиша 13. Димитриев беше прв стрелец кај Пелистер со 12 поени.

Ова беше прв натпревар за МЗТ Скопје по прекинот на соработката со досегашниот тренер Васко Атанасов. На клупата денеска беше досегашниот помошник Дејан Србиновски, а дебитираше и новото засилување Адем Мекиќ.