Поранешна ѕвезда на Севилја го постигна голот на годината – со ножички од 15 метри (ВИДЕО)

Поранешниот фудбалер на Севиља, Лукас Окампос, истакна сериозна кандидатура за престижната награда „Ференц Пушкаш“ за најубав гол на сезоната, откако мајсторски реагираше претходната ноќ во мексиканското првенство.

На натпреварот помеѓу екипите на Монтереј и Тихуана, аргентинскиот интернационалец изведе спектакуларни ножички со кои ги воодушеви љубителите на фудбалот ширум светот, иако средбата на крајот сепак заврши без победник (3-3). Неверојатниот потег на некогашниот играч на Севиља и Марсеј се случи во 57. минута од средбата, кога Аргентинецот одлично дочека центаршут од десната страна и со удар со ножички од околу 15 метри го погоди горниот агол од голот, предизвикувајќи вистински делириум на трибините.

Овој погодок му донесе предност на Монтереј од 3-2 во тој момент, но резултатот на семафорот до крајот на мечот се промени по израмнувачкиот гол на гостите. И покрај ремито, видеото од мајсторијата на Окампос експресно ја обиколи планетата и со право се смета за еден од најубавите голови постигнати во 2026 година.