Историска промена во МЛС: Американците решија да се усогласат со европскиот фудбал!
Наместо сезоната да започнува во февруари и да завршува во декември, новиот шампионат ќе стартува во јули, а ќе завршува во мај следната година. Првата сезона по новиот формат, 2027/28, ќе започне во јули 2027 година, а ќе биде завршена со плејофот и финалето на МЛС купот во мај 2028 година.
Промената носи и зимска пауза, која ќе трае од средината на декември до почетокот на февруари, период во кој нема да се играат натпревари. За да го премости периодот до воведувањето на новиот календар, МЛС ќе организира специјална преодна сезона во првата половина на 2027 година, наречена „Спринт сезона“.
Во неа ќе учествуваат сите 30 екипи, кои ќе одиграат по 14 натпревари во регуларниот дел од февруари до април. Секој тим ќе се соочи по еднаш со сите противници од својата конференција, со седум натпревари на домашен терен и седум на гости.
Најдобрите осум екипи од Источната и Западната конференција ќе обезбедат пласман во плејофот, кој ќе се игра на еден натпревар. Победниците на двете конференции потоа ќе се сретнат во финалето на МЛС купот во мај 2027 година.
Резултатите од преодната сезона ќе бидат важни и за пласманот во меѓународните натпреварувања во 2028 година. Пет екипи ќе обезбедат место во Конкакаф Лигата на шампионите, додека 18 клубови ќе настапат во Лигс купот, по девет од секоја конференција.
Комесарот на МЛС, Дон Гарбер, и претходно истакна дека промената ќе овозможи американската лига подобро да се усогласи со најсилните европски првенства и календарот на ФИФА.