Силекс во едно полувреме си ја заврши работата против Пелистер

Фудбалерите на Силекс обезбедија место меѓу осумте најдобри екипи во Купот на Македонија, откако славеа убедлива победа од 0-3 на гостувањето кај Пелистер во Битола.

Кратовчани уште во првото полувреме ја завршија работата и покажаа зошто ја имаа фаворитската улога пред овој дуел.

Резултатот го отвори Есмир Хасукиќ во 11. минута, кога со удар со глава ја затресе мрежата на домаќините за водство од 0-1. Истиот фудбалер во 33. минута повторно се запиша меѓу стрелците, искористувајќи одлична топка и зголемувајќи ја предноста на Силекс на 0-2.

Само две минути подоцна, во 35. минута, Никола Манојлов ја искористи големата грешка на голманот Димовски и го постави конечниот резултат од 0-3.

Во второто полувреме Силекс рутински ја контролираше играта, не дозволувајќи му на Пелистер да се врати во натпреварот.