Лазаров со Хориха, а без Пешевски и со Митревски во резерва го почнува патот кон ЕП 2028!
Првиот меч е закажан против селекцијата на Луксембург на 4 ноември (19 часот) во Скопје, додека четири дена подоцна (8 ноември), македонските ракометари ќе гостуваат кај репрезентацијата на Грција (16 часот) во Халкида. Собирот на репрезентативците пред овие две пресметки е закажан за 2 ноември.
Стручниот штаб направи неколку значајни промени во играчкиот кадар, каде најголемо внимание привлекува дебитантскиот повик за Дмитро Хориха, кој за првпат се најде на скратениот список. Во составот го нема кружниот напаѓач Жарко Пешевски, додека искусниот голман Никола Митревски овој пат е сместен на листата од седум резервни играчи кои се подготвени да помогнат доколку се укаже потреба. Поради повреди, надвор од комбинација за овие две средби останаа Ненад Костески и Иван Џонов, што резултираше со дефицит на крилните позиции. За претстојните дуели, Лазаров ќе има на располагање само три крила, односно едно лево (Петар Атанасијевиќ) и две десни (Никола Костески и Александар Петковски).

Во македонскиот ростер се најдоа тројца голмани, осум бекови, три крила и четири пивоти. Карактеристично за овој квалификациски циклус е тоа што националниот тим ќе се потпре речиси целосно на играчи од домашното првенство. Од повиканите 18 ракометари, само двајца настапуваат во странство – голманот Томовски кој ги брани боите на германски Битигхајм и левиот бек Хориха од унгарскиот ПИК Сегед. Останатите 16 репрезентативци доаѓаат од македонските клубови, при што најголем дел, односно десет ракометари, доаѓаат од Алкалоид, четворица се од Пелистер, додека двајца настапуваат за Вардар.