Младинците на Брера ја бранат честа на Македонија против силниот Хофенхајм (ВИДЕО)

Младинскиот состав на екипата на Брера денеска на стадионот „Младост“ во Струмица ќе го пречека германскиот Хофенхајм (14 часот) во првиот натпревар од второто квалификациско коло во младинската Лига на шампиони (ЛШ), што само по себе претставува историски успех.

Струмичани претходно станаа првиот македонски клуб кој успеал да ја помине воведната рунда во ова елитно натпреварување. Реванш натпреварот е закажан за 4 ноември во Германија, а вкупниот победник од овој двомеч во следната квалификациска фаза ќе ги одмери силите со подобриот од пресметката помеѓу грчки ПАОК и босански Зрињски.

Во пресрет на натпреварот, клубот упати повик до навивачите за поддршка од трибините на струмичкиот стадион, додека голманот Александар Трајков ја истакна важноста на овој меѓународен предизвик.

„Среќни сме што ја имаме таа чест не само да ги браниме боите на нашиот клуб, туку и боите на Македонија, голем предизвик е пред нас, подготвени сме да се соочиме со истиот“, изјави Трајков пред денешниот натпревар.

Избраниците на стратегот Ѓорѓе Стојчев го осигураа двомечот со силниот германски претставник откако во првото квалификациско коло забележаа убедлива победа со вкупен резултат од 11-0 против екипата на Санта Колома од Андора. Охрабрени од одличните настапи во воведната рунда, од таборот на Брера ветуваат голема борба и максимално залагање за остварување на што поповолен резултат, иако објективно ја прифаќаат фаворитската улога на противникот.