Вардар го пречекува Мелсунген со желба за победнички крај на настапите во ЛШ!
„Црвено-црните“ веќе ги загубија шансите за пласман во главната фаза од најелитното натпреварување и својот европски пат ќе го продолжат во Европската лига, тимот има огромен мотив со втора победа да се збогува од европската елита. Избраниците на тренерот Иван Чупиќ сакаат да им се оддолжат на своите навивачи за досегашната поддршка и истовремено да му се реваншираат на германскиот состав за поразот (31-33) на првиот меѓусебен дуел одигран во Касел, каде скопјани до самиот крај беа во игра за позитивен резултат.
За разлика од Вардар, гостинската екипа пристигнува во Скопје под голем резултатски притисок бидејќи сè уште е во активна игра за едно од двете места кои водат во главната фаза. Мелсунген има шест освоени бода, исто колку што имаат и екипите на Висла Плоцк и Нант пред почетокот на оваа решавачка рунда.
Вардарци се наоѓаат во серија на позитивни резултати по триумфите над домашните ривали Бутел и Прилеп, а особено значајна за нивната самодоверба е блескавата победа остварена во Франција, каде одиграа феноменален натпревар и го совладаа Нант со убедливи 33-27. Двојниот европски шампион посакува втор триумф во низа како одбрана на клупската чест, но и како награда за навивачите за феноменалната поддршка која им ја даваат оваа сезона.