Чупиќ удри по ЕХФ: Ова е апсурд - вложуваме милиони за само шест недели во Европа!
Според новиот формат, европската сезона за Вардар во најелитната конкуренција завршува за само месец и половина, што претставува драстично кратење во споредба со претходните години кога се играа меѓу 12 и 15 натпревари. Чупиќ смета дека ваквиот систем е кроен исклучиво за потребите на шесте до десетте најсилни европски екипи, на кои им се олеснува балансирањето на ростерот и одморањето на репрезентативците по големите натпреварувања во јануари, додека на клубовите како Вардар, Загреб, Букурешт и Целје им се одзема драгоцено искуство и континуитет.
Стратегот на „црвено-црните“ потенцира дека огромната празнина без меѓународни натпревари е погубна за напредокот на играчите и развојот на екипата. Со оглед на тоа што по дуелот со Мелсунген и двете домашни дерби-средби следува период од пет недели без натпревар во средината на неделата, екипата е принудена да ја одржува формата исклучиво преку домашниот шампионат. Иако Чупиќ изрази огромна почит кон македонските прволигаши како Бутел, Куманово и Младост Богданци, тој нагласи дека недостигот на константни силни европски предизвици ги спречува македонските претставници, вклучително и Пелистер и Охрид, да го подигнат своето ниво.
Апсурдноста на системот дополнително се гледа во фактот што клубовите вложуваат милионски суми за настап во Европа, а добиваат само шест загарантирани натпревари. Како потенцијално решение за надминување на овој проблем, предводникот на Вардар предлага реструктурирање на вториот дел од сезоната. Наместо класичен куп-систем со директни елиминации во февруари, каде што екипи како ПИК Сегед или Вардар можат веднаш да налетаат на гиганти со буџети од 20 милиони евра како Фленсбург и експресно да бидат елиминирани, Чупиќ сугерира формирање на неколку мини-лиги. На тој начин би се избегнало создавањето на привилегирани клубови, а сите учесници би добиле поголем број квалитетни натпревари кои ќе го задржат интересот на публиката и телевизиските мрежи во текот на целата година.
„Според мене, новиот систем на европските натпреварувања не е разработен до крај. За шесте или десетте најголеми екипи можеби е добар бидејќи можат да го балансираат составот, но на останатите екипи им се одзема многу. Прашањето е зошто десет месеци се бориме во домашното првенство за пласман во Европа ако потоа играме само пет или шест европски натпревари. Без разлика дали станува збор за Вардар, Пелистер или Охрид, за само неколку натпревари може да ти заврши целата европска сезона. Ниту една сериозна екипа не може да напредува и да станува подобра ако игра само еден натпревар неделно“, изјави Чупиќ.
Црвено-црните последниот меч сезонава во ЛШ ќе го одиграат в среда и тоа на домашен терен против германски Мелсунген (18.45 часот).