Време е за „Златната топка“: За првпат надвор од Франција, а тајноста никогаш не била поголема!

Доделувањето на „Златната топка“, кое оваа година се одржува по јубилеен, 70. пат, повторно ќе ги собере најголемите имиња на светскиот фудбал и ќе им оддаде признание на најдобрите фудбалери и фудбалерки на планетата.

Списанието „Франс Фудбал“ а доделува оваа престижна награда уште од 1956 година, а таа се смета за едно од најголемите индивидуални признанија што може да ги освои еден професионален фудбалер. Најголеми фаворити за признанието оваа година се: Хари Кејн, Килијан Мбапе и Ламин Јамал.

Како и секоја година, списокот на номинирани и дебатите за тоа кој заслужува да го понесе трофејот предизвикуваат голем интерес кај љубителите на фудбалот ширум светот. Церемонијата е закажана за во терминот од 20:00 часот во лондонскиот театар „Паладиум“ .

За првпат во историјата, манифестацијата ќе се одржи во Лондон. Како што беше соопштено, одлуката е донесена и во знак на почит кон првиот добитник на наградата, Англичанецот Стенли Метјуз, кој ја освои Златната топка во 1956 година.

Исто така промена оваа година е и тоа што за првпат ниту победникот не е известен претходно и тој самиот ќе дознае вечерва кога ќе биде отворено пликото со неговото име во Лондон. Претходно, „Франс Фудбал“ го известуваше добитникот на наградата и правеше интервју, сега тоа интервју ќе се реализира по одржувањето на настанот.

Церемонијата традиционално се одржуваше во Франција, а од 2019 година домаќин беше театарот „Шатле“ во Париз. Златната топка претставува едно од најпрестижните индивидуални признанија во фудбалот и добитникот се избира врз основа на гласовите на спортските новинари.

Најпрво, претставници на списанието „Франс Фудбал“ и францускиот спортски весник „Екип“ ја составуваат конечната листа од 30 кандидати за наградата во машка конкуренција.

Номинациите се објавуваат неколку месеци пред самата церемонија. Потоа започнува гласањето, во кое учествува по еден новинар од секоја од 100-те најдобро рангирани репрезентации на ранг-листата на ФИФА.

Нивната задача е да ги изберат и да ги рангираат десетте најдобри фудбалери од листата на номинирани.

Бодовите се доделуваат според следниот систем:

Прво место – 15 бодови

Второ место – 12 бодови

Трето место – 10 бодови

Четврто место – 8 бодови

Петто место – 7 бодови

Шесто место – 5 бодови

Седмо место – 4 бодови

Осмо место – 3 бодови

Деветто место – 2 бодови

Десетто место – 1 бод

Откако ќе се соберат сите гласови, фудбалерот со најмногу бодови ја освојува Златната топка, додека останатите кандидати се рангираат од второто до 30. место. Во случај на изедначен број бодови, предност има играчот кој добил повеќе гласови за прво место.

Доколку и тогаш кандидатите се изедначени, одлучува бројот на гласови за второто место, а потоа и за следните позиции. Жирито при гласањето разгледува три основни критериуми, наведени според редоследот на важност:

- Индивидуален учинок, одлучувачки натпревари и впечатливи настапи

- Тимски резултати и освоени трофеи

- Класа, спортско однесување и фер-плеј

Значи, освојувањето големи трофеи е важно, но индивидуалниот квалитет и придонесот на фудбалерот остануваат клучни елементи во трката за ова престижно признание.

Минатата година признанието го освои Осман Дембеле од Пари Сен Жермен кој оваа година не е во најтесниот круг фаворити.