Хорор за екс-фудбалерот на Ливерпул: Куче го искасало додека бил на прошетка! (ФОТО)

Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Џермејн Пенант, доживеал вистински хорор за време на прошетка, кога бил нападнат од германски овчар. Англичанецот се здобил со сериозни повреди на ногата, а по укажаната лекарска помош му биле ставени повеќе од 50 конци.

Инцидентот се случил кога Пенант се обидел да го заштити своето куче Кинг, американска акита, откако германскиот овчар тргнал во напад. Во обид да спречи судир меѓу двете животни, поранешниот фудбалер се вмешал, но набрзо и самиот станал мета на агресивното куче.

„Беше навистина застрашувачки. Другото куче го нападна Кинг, па се вмешав за да го заштитам. Следното нешто на кое се сеќавам е дека кучето се нафрли врз мене. Завршив на земја, а кучето ми ја држеше ногата во вилиците најмалку пет секунди“, раскажал Пенант.

 

И покрај сериозноста на нападот, поранешниот англиски фудбалер истакнал дека нема намера да го пријави случајот во полиција.

Пенант во текот на кариерата настапуваше за неколку познати англиски клубови, меѓу кои Арсенал, Ливерпул, Бирмингем сити, Лидс јунајтед, Портсмут и Стоук сити. Професионалната кариера ја заврши во 2018 година, на 35-годишна возраст, по 17 години активно играње фудбал.